Меси ги наброја конкурентите за титулата на Мундијалот, не ги спомна Португалија и Роналдо

Капитенот на Аргентина, Лионел Меси, наведе неколку репрезентации како најголеми пречки со кои ќе се соочат „гаучосите“ на патот кон одбрана на титулата на Светското првенство.

„Ла Пулга“ ги издвои Шпанија, Франција, која Аргентинците ја победија во финалето во Катар, потоа Англија и Бразил. Случајно или не, Меси не ја вклучи Португалија на Кристијано Роналдо меѓу фаворитите за турнирот во САД, Канада и Мексико.

„Постојат многу добри тимови како Шпанија, повторно Франција, Англија, Бразил, кој долго време не победил, Германија. Многу е тешко, но ние ќе се бориме, ќе дадеме сè од себе“, изјави Меси за ESPN.

Според обложувалниците, Португалија, која годинава ја освои Лигата на нации, е на шестото место меѓу потенцијалните победници на Светското првенство во 2026 година. Пред неа се Шпанија, Англија, Франција, Бразил и Аргентина. Моќта на Аргентина и Шпанија ќе може да се види на Финалисима (дуел на шампионите на Европа и Јужна Америка) која ќе се одржи во март 2026 година.