Меси е на чекор од „Златната копачка“, ама далеку е од рекордот на Карлос Вела

Со двата гола синоќа против Атланта, Лионел Меси се задржа на челната позиција на листата на стрелци во МЛС и има два гола повеќе од второпласираниот, на коло пред крајот на основниот дел од сезоната.

Аргентинскиот ас е на бројката од 26 гола и 19 асистенции што не е видено досега во историјата на американската лига. Два гола помалку има Денис Буанга од Лос Анџелес кој во 2023 година беше најдобар стрелец во лигата. На Меси му недостасува ова индивидуално признание и ако го освои, тоа ќе го стори во својата трета сезона во МЛС, но прва во која одигра повеќе од 19 натпревари. Во 2023 година настапи само шест пати, лани 19, а сега има 27 .

Ако остане на првото место и по последното коло, Меси ќе влезе во кругот на фудбалери кои биле најдобри стрелци во МЛС. Досега има 26 гола, но е далеку од рекордерот Карлос Вела кој во 2019 година постигна 34. Вториот најдобар ефект го има Жозеф Мартинез кој во 2018 година постигна 31, а Меси би можел да се израмни или да го надмине третиот резултат кој изнесува 27, а до него стигнале Бредли Рајт Филипс во 2014, Крис Вондоловски во 2012 и Рој Леистер во 1996 година.