Фудбалскиот сојуз на Србија ја прифати оставката - Пикси замина во историјата

Четири години и седум месеци откако беше назначен за селектор, Драган Стојковиќ Пикси ја напушта функцијата во српската репрезентација.

Ја презеде на 3 март 2021 година, на својот 56. роденден, а официјално, неговиот мандат заврши денеска откако Фудбалскиот сојуз на Србија утринава ја прифати оставката понудена синоќа, по дебаклот од Албанија на домашен терен. Српската репрезентација остана само со теоретски шанси за пласман на Светското првенство, па по големиот притисок од јавноста кој траеше повеќе од една година, Стојковиќ се одлучи на ваков потег.

„Фудбалскиот сојуз на Србија му се заблагодарува на Драган Стојковиќ за се што направи во овие 4,5 години на чело на репрезентацијата, пред се за пласманот на Светското и Европското првенство, како и на освојувањето на првото место во Б-дивизијата во Лигата на нации и опстанок во елитата. Веднаш по враќањето од Андора, в петок ќе заседава Извршниот одбор на ФСС кој во согласност со надлежностите и стандардната процедура ќе ги донесе сите натамошни одлуки во врска со промените во националниот тим“, стои, меѓу другото, во соопштението на Фудбалскиот сојуз.

На дуелот против Андора во вторник, српската репрезентација ќе ја води Зоран Мирковиќ кој е селектор на младата селекција на Србија. Медиумите кај нашиот северен сосед го посочија Вељко Пауновиќ како најголем фаворит за наследник на Пикси, но добро упатени извори тврдат дека тоа е малку веројатно сценарио во моментов.

Стојковиќ беше најдолговечен селектор во историјата на српската репрезентација, сметајќи од 2006 година. Националниот тим го водеше на 55 натпревари на кои забележа 26 победи, 15 порази и 14 нерешени резултати. Пред крајот на својот мандат го расипа ефектот, во еден период подобар од него беше само Радомир Антиќ, а сега се и Славољуб Муслин и Младен Крстајиќ, но ниеден од нив не ја водел репрезентацијата на две големи натпреварувања.