„Магионичарот“ од Астурија на 41 година ја заврши кариерата (ВИДЕО)

Поранешниот фудбалер на Арсенал и шпанската репрезентација, Санти Казорла на 41-годишна возраст објави крај на својата професионална кариера, ставајќи точка на пат долг повеќе од две децении, во кој освои две европски титули со Шпанија.

По последната сезона во Реал Овиедо, клубот од неговата родна Астурија на кој му помогна да обезбеди пласман во Ла Лига во 2025 година, Казорла преку социјалните мрежи се збогуваше со фудбалот.

„Сега, кога сè се приближувам кон крајот, додека ги подготвувам копачките да ги оставам настрана, а бучавата ја заменува тишината, сè добива смисла, бидејќи овој крај не се случува било каде, туку дома“, порача Казорла во видеото на социјалните мрежи.

Кариерата Шпанецот ја започна во младинската школа на Виљареал, а потоа настапуваше за Рекреативо и Малага. Најголемата репутација ја стекна по трансферот во Арсенал во 2012 година.

Со шпанската репрезентација двапати стана европски шампион во 2008 и 2012 година, но поради тешка повреда го пропушти освојувањето на Светското првенство во 2010 година.

По шест сезони во дресот на Арсенал, со кој освои два трофеи во ФА Купот во 2014 и 2015 година, Казорла се врати во Виљареал. Подоцна играше за катарскиот Ал Сад, а во 2023 година повторно го облече дресот на Реал Овиедо.