Второ коло за Марковски во Скопје, елиминирани Хусеиновиќ и Србљак

Македонскиот тенисер Обрад Марковски обезбеди место во второто коло на турнирот „Macedonian Open 2026“, откако денеска го доврши прекинатиот натпревар против Бугаринот Максимилијан Борисов и славеше со 2:1 во сетови (7-6(2), 0-6, 6-3).

Дуелот беше прекинат вчера поради дожд при водство на Марковски од 1-0 во сетови. Во продолжението Борисов убедливо го доби вториот сет без загубен гем и израмни, но македонскиот тенисер во решавачкиот сет успеа да ја врати контролата и со сигурна игра да го обезбеди пласманот во следната рунда.

Во второто коло Марковски ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Украинецот Владислав Орлов и Бугаринот Никола Колјачев.

Настапот на младиот македонски тенисер Амар Хусеиновиќ заврши уште во првото коло, откако по продолжението на прекинатиот меч беше поразен од шестиот носител, Италијанецот Александер Вајс, со 2-0 во сетови (6-2, 6-0).

Без пласман понатаму остана и Горазд Србљак, кој преку квалификациите избори место на главниот турнир. Тој одлично го отвори мечот и го освои првиот сет против петтиот носител Стефан Поповиќ од Србија со 6-2, но српскиот тенисер возврати со 6-1 во вториот сет.

Во решавачкиот сет Србљак поведе со 2-0, но Поповиќ успеа да се врати и да израмни на 3-3. До самиот финиш двајцата сигурно ги освојуваа своите сервис-гемови, а во 12. гем Србинот направи клучен брејк за победа од 7-5 и пласман во следното коло.

Подоцна денеска на терен ќе излезе и Калин Ивановски, кој вчера приреди изненадување елиминирајќи го првиот носител Андреј Чепелев. Во второто коло ќе се соочи со Лиан Деликата од Малта.