
Лос Анџелес не успеа да ја одбрани МЛС титулата, Кјелини најави крај на кариерата
Натпреварот во Охајо би можел да биде последен за легендарниот италијански стопер Џорџо Кјелини кој на прес-конференцијата по мечот најави можно пензионирање.
„Ова беше прекрасно патување, а во финалето еден мораше да загуби. Денешниот натпревар може да биде последен во мојата кариера, треба да одам дома и добро да размислам, сам и со семејството, што да правам. Не сакам да донесам одлука, а потоа да ја сменам“, изјави Кјелини.
Во август, тој ќе наполни 40 години, а во 2022 го засили Лос Анџелес, по 17 сезони во тимот на Јувентус. Со торинскиот клуб освои девет титули во Серија А, пет во Купот на Италија и пет во Суперкупот, а два пати играше и во финалето од Лигата на шампионите. Трофеј има и со Лос Анџелес со кого лани ја освои титулата во МЛС.