Бразил го загуби својот најголем фудбалер во историјата, за многумина најголемиот во историјата на фудбалот, па денеска Едсон Арантес до Насименто – Пеле беше испратен на вечното почивалиште и преку 230.000 луѓе излегоа на улица за да му оддадат последна почит на патот од стадионот на Сантош после целодневно бдеење до гробиштата.

Пеле замина во вечноста, но неговиот лик и дело ќе се паметат и ќе се прераскажуваат уште долго зашто остави толку голем траг во бразилскиот и светскиот фудбал. Но, не можеше да помине најтажниот ден за цел Бразил без скандали.

Тазе инагуираниот претседател на Бразил, Лула говореше шеги при својот говор за Пеле, па ја расипа цела церемонија.

„Пеле беше опседнат со Коринтијанс, живееше да го победи. Се надевам дека таму горе тој ќе игра за Коринтијанс, а не за Сантош“, рече Лула, инаку навивач на Коринтијанс.

Врв на сѐ беше скандалот со навивачка пресметка на приврзаниците на Сантош со неколкумина приврзаници на лутиот ривал Палмеираш, кои дојдоа да го испратат најголемиот Бразилец на вечното почивалиште.

Од вчера навивачите на Сантош на стадионот можеа за последен пат да му се поклонат на најголемиот, а за време на изложувањето на телото првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино се најде во центар на внимание на жестоки критики, откако го уловија како си прави селфи во близина на ковчегот со мртвото тело на Пеле.

Пеле почина на 29 декември после цел месец во болница откако беше хоспитализиран со влошена здравствена состојба поради прогресијата на ракот на дебелото црево.