Иран на два дена пред Мундијалот остана без дел од влезниците за навивачите!

Фудбалската федерација на Иран соопшти дека распределбата на билети за натпреварите на националната репрезентација на Светското првенство е прекината само неколку дена пред почетокот на турнирот, оставајќи голем број навивачи без можност да ги следат натпреварите на својот тим од трибините.

Светското првенство започнува во четврток, а Иран првите два натпревари од групата Г ќе ги одигра во Лос Анџелес против Нов Зеланд на 15 јуни и Белгија на 21 јуни. Групната фаза ќе ја заврши со дуел против Египет во Сиетл на 26 јуни.

Во соопштението, Фудбалската федерација на Иран наведе дека процесот на распределба на билетите веќе бил започнат, но дека повеќе не е во можност да обезбеди влезници за своите навивачи.

„Многу ирански навивачи, потпирајќи се на официјално објавената процедура, веќе ги испланираа своите патувања за да ја поддржат репрезентацијата на Светското првенство“, се наведува во соопштението.

Од Федерацијата сметаат дека ваквиот потег не е во согласност со духот на меѓународните спортски натпреварувања.

„Ваквиот развој на настаните отвора сериозни прашања за можното влијание на неспортски и политички фактори врз организацијата на најголемиот фудбалски настан во светот“, порачаа од Федерацијата.

Според правилата на ФИФА, секоја репрезентација учесник добива осум проценти од вкупниот капацитет на стадионот за своите навивачи, а националните федерации самостојно одлучуваат како ќе ги распределат билетите.

Иранската федерација не прецизираше кој ја донел одлуката за запирање на распределбата на билетите, но ја повика ФИФА да се придржува до принципите на неутралност и еднаков третман на сите учесници.