Инфантино му се закани на Катар: Или ќе дојдат сите навивачи или – нема Мундијал!

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино му се закани на Катар на пет месеци пред Светското првенство кое ќе се игра од 21 ноември до 18 декевмри годинава дека нема да прифати селективност при влезот на навивачите во земјата, застанувајќи во одбрана на припадниците на ЛГБТ, кои се непожелни во оваа исламска земја.

Катар од поодамна е под лупа на организациите за човекови права, големи протести имаше после објавувањето на податоците за преку 6.000 смртни случаи кај работниците кои ја градеа инфраструктурата за Мундијалот, но најмногу на удар се хомосексуалците, кои стравуваат за својата безбедност во земјата во која за пропаганда на ЛГБТ-заедницата се лежи долгогодишна робија.

„Ако Катар не понуди гостопримство за секој, без никакви предрасуди и селективност, нема ни да го организира Мундијалот. Светското првенство е настан кој ги собира сите луѓе, нема место за никаква дискриминација по никаква основа“, рече Инфантино на економскиот форум кој се одржува во Доха.