Хрватска на најсреќниот ден во својата фудбалската историја ќе брка финале!

Хрватска вечерва (20 часот) на „Лужники“ во Москва ќе се бори да ја испише најсветлата страница во својата фудбалска историја и да го искористи среќниот 11 јули како мотив повеќе за да ја мине Англија на патот кон големото финале в недела на истиот стадион во битката за „божицата“.

Минаа точно две децении откако славната генерација со фудбалски мајстори од Дражен Ладиќ, Славен Билиќ, Игор Штимац, Роберт Јарни, Аљоша Асановиќ, Роберт Просинечки, Звонимир Бобан, Давор Шукер во Франција стигнаа до бронзата. Предводени од Мирослав Ќиро Блажевиќ, „коцкестите“ ја напишаа досега најубавата фудбалска приказна за својата земја.

„Бронзените“ на денешниот ден славај јубилеј, 20 години од тој историски успех на СП во Франција, со надеж дека овој среќен ден ќе им донесе чекор погоре во фудбалската бесмртност. Даниел Субашиќ, Дејан Ловрен, Домогој Вида, Иван Ракитиќ, Лука Модриќ, Андреј Крамариќ, Марио Манџукиќ, Иван Перишиќ се дел од фудбалските ѕвезди кои против Англија ќе се борат за финале и подобрување на најдобриот хрватски резултат на сите времиња.

Пред точно 20 години, Хрватска во „малото финале“ во Франција ја победи Холандија со 2-1 за да освои медал со головите на Роберт Просинечки и Давор Шукер. Сега по 20 години, малата Хрватска има шанса за финале, а целиот Балкан сигурно ќе навива за „коцкестите“ да се соочат со Франција во финалниот меч во руската престолнина.