Хронологија на најголемиот светски скандал: Како Катар го купи Мундијалот 2022!

Поранешниот претседател на Европската фудбалска унија (УЕФА), Мишел Платини беше уапсен во вторник под сомнение дека го продал својот глас при гласањето за домаќин на Мундијалот во 2022 година. А доделувањето на Светското првенство (СП) на Катар во 2009 годна предизвикува сериозни скандали во светот на фудбалот.

Француската полиција го уапси Платини поради корупција во Светската куќа на фудбалот (ФИФА), но и Франција, што подоцна донесе до неочекувано и сензационално доделување на организацијата на Мундијалот на Катар, кој не е познат по фудбалот, туку по нафтата и парите.

Целиот случај почнува во февруари 2009 година, кога шансите на Катар за добивање на организацијата на големото натпреварување се речиси нула, но тоа се промени. Секако, благодарние на парите.

До тој момент 11 држави се пријавија за организирање на најголемото фудбалско првенство, но Индонезија и Мексико беа веднаш отпишани. Па поради тоа изборот беше намален само на Катар, САД, Јужна Кореја, Јапонија и Австралија, па конкуренција беше остра.

Дојде на ред гласањето и тоа беше многу сомнително. Имаше 22 гласачи, па математиката вели дека ако 12 од нив гласаат за Катар, тогаш нема потреба да се гласа понатаму. Не беше лесно, но добија 50% од гласовите. Австралија доби еден глас, па беше елиминирана, а гласањето потоа се повтори. По ред испаѓаа Јапонија, па Јужна Кореја и на крајот САД, кога Катар славеше со 14-8 во гласови.

Одлуката беше донесена, но логиката беше чудна, а тоа предизвика сомнеж во регуларноста на гласањето. Во овој момент во Катар живеат 2,6 милиони луѓе на 11.581 квадратен километар и на истиот простор треба да се најде доволно место за 32 селекции и неколку стотици илјади навивачи. Дали треба да се спомене и дека Катар ќе стане најмалиот организатор на Мундијал во историјата?

Дејвид Трисман, поранешниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Англија, шест месеци по донесување на одлуката обвини два члена на извршниот одбор на ФИФА. Трисман соопшти дека претставникот на Тринидад и Тобаго, Џек Ворнер барал четири милиони долари за изградба на образовен центар во неговата земја, додека претставникот на Парагвај, Николас Леоц барал да стане витез за да го даде својот глас. Од 22 лица од тоа гласање, дури 16 се под истрага или веќе се суспендирани поради корупција.

Претставниците на Брегот на слоновата коска и Камерун се задоволиле со по милион долари, а Мохамед Бин Хаман, важна личност во лобирањето на Катар, се повлече од кандидатурата за претседателското место во ФИФА, откако беше обвинет дека поткупил најмалку 25 луѓе.

Тука не застанува играта, зашто лондонски „Тајмс“ објави дека „Ал Џазира“, националната катарска телевизија понудила дури 400 милиони евра на ФИФА за ТВ-правата. И тоа немаше да биде чудно доколку не го направеше 21 ден пред Катар да ја добие организацијата на Мундијалот. Дури телевизијата се согласи на непозната сметка да уплати 100 милиони долари акко гаранција во случај ФИФА да има загуба. Три години подоцна пристигнала иста понуда вредна 480 милиони долари, а во моментов се наоѓа под истрага на швајцарската полиција.

И конечно на ред доаѓа дел од приказната за Платини. Тој само две недели пред објавување на резултатите имал состанок во претседателската палата со Николас Саркози, катарскиот емир и двајца претставници на катарската влада. Тоа го објави „Ле Монд“ по што Платини кажа дека немал намера да гласа за Катар, но дека тогаш му станало јасно дека тоа се очекува од него.

Осум месеци по ручекот, катарските милиони влегоа во ПСЖ, кој беше купен за 76 милиони долари од страна на „Катар Спорт“. Пред две години Саркози стана член на Управниот одбор на групацијата „Акор хотел“, а тој сега е главен спонзор на Парижаните, кој им дава 50 милиони евра годишно.

Интересно е тоа што Катар почна со реконструкција на стадоните и пред да биде познат домаќинот на Мундијалот. Како што јавија светските медиуми работниците работеле по 16 часа дневно, имале нехумани услови во кои работеле и на 50 степени. Катар изнајмил ефтина работна сила од Азија, а „Гардијан“ пред пет години извести дека државата станала „отворен затвор за работници“, зашто им биле одземани пасошите, па не смееле да ја напуштат државата.

Новинарите на „Гардијан“ биле привлечени со приказната за платите, а на лице место пронашле работници кои со месеци не добиле ниту евро и биле истрошени, па молеле за храна и вода. Наводно, досега починале 1.200 работници, но од Катар тоа остро го демантираа.

Токму нехуманите услови донеле до тоа првенството да биде одржано во текот на зимата, поточно од 21 ноември до 18 декември кога треба да биде посвежо.

Секако, проблематични се и човечките права, па се зборува дека хомосексуланоста во Катар е забранета и се казнува со смрт, а тоа изнервира многу луѓе во светот. Тоа што ги одби првиот бран навивачи беше и забраната за конзумирање на алкохол во државата. Организаторите веднаш соопштија дека исклучок би можел да биде направен во текот на Мундијалот.

Катар речиси ги заврши сите 12 стадиони, па тешко дека сега ќе му биде одземана организацијата, иако светските обложувалници сметаат дека, доколку се случи тоа, Мундијалот ќе се игра во Англија, која има готова инфраструктура.