Хаосот во ФИФА продолжува: Третиот најважен човек во светскиот фудбал го напушти Инфантино!

Оперативниот директор на ФИФА, Кевин Ламур, ја напушти функцијата во Цирих, само неколку недели откако го обвини претседателот Џани Инфантино дека ги довел вработените во заблуда со планот за продажба на идните приходи од Светското првенство.

Ламур ги бранеше своите колеги и наведе дека вработените биле „доведени во заблуда“ поради нетранспарентноста на Инфантино во планирањето на продажбата на удели во идниот профит од Светското првенство на приватни инвестициски фондови.

Истиот ден, високиот советник на Инфантино, Карлос Кордеиро, исто така одлучи да си замине и планот на комерцијалната подружница, вреден 20 милијарди долари, го опиша како лош договор за фудбалот.

„ФИФА може да потврди дека работниот однос меѓу ФИФА и Кевин Ламур, како главен оперативен директор на ФИФА, е завршен. ФИФА му се заблагодарува на Кевин за неговата двегодишна работа и му посакува многу среќа во иднина. Нема да има дополнителни коментари за ова прашање“, соопштија од ФИФА.

Во меѓувреме, Инфантино бара нов мандат на чело на ФИФА, но е под притисок по отвореното писмо на челниците на трите континентални конфедерации за Европа, Азија и Северна и Централна Америка и Карибите, кои неговиот план го нарекоа суштинско нарушување на довербата и измама.

Инаку, Ламур беше трет најважен човек во светскиот фудбал според хиерархијата во ФИФА. Како оперативен директор на ФИФА, по функција беше веднаш зад претседателот Џани Инфантино и генералниот секретар Матијас Графстром.

Фото: ФИФА