Голгетерот на Интер постави нов рекорд за Аргентина: Ги мина Марадона, Меси и Батистута

Лаутаро Мартинез (22) вчера постигна хет-трик за Аргентина во победата од 4-3 против Мексико на пријателски натпревар.

Со ова напаѓачот на Интер стигна до вкупно девет голови за „гаучосите“ на првите 13 стартови во репрезентацијата. Тој има подобар ефект за Аргентина од големи имиња како Гонзало Игуаин и Диего Армандо Марадона, кои по 13 натпревари постигнале по седум голови, Габриел Батистута шест, Ернан Креспо пет, додека Серхио Агуеро постигнал само четири голови.

Што се однесува до Лионел Меси, тој на првите 13 натпревари за Аргентина постигнал само два гола.

Мартинез е голем талент, а по одличниот настап на Копа Америка изминатото лето, Барселона беше заинтересирана за неговите услуги и тоа по иницијатива на Меси. Интер  пред една година го купи од Расинг и веќе  му нуди нов договор на младиот голгетер.