Георгина удри по селекторот на Португалија: Срамота е што Кристијано не играше цел меч (ФОТО)

Освен што самиот прави неспортски потези на теренот кога работите не му се по кеиф, како што беше предвременото заминување во соблекувалната по синоќешната победа на Португалија над Швајцарија (6-1) за пласман во четвртфиналето на Мундијалот во Катар, додека неговите соиграчи славеа со навивачите, Кристијано Роналдо има и помош од најблиските, кои незадоволството го изразуваат преку социјалните мрежи.

Ако во минатото негов најдобар „војник“ за вакви офанзиви беше неговата сестра, таа улога сега ја презеде сопругата Георгина. Таа по синоќешната пресметка на Инстаграм го нападна португалскиот селектор Фернандо Сантош за одлуката да го почне натпреварот без Кристијано во стартниот тим.

„Честитки за Португалија, 11 фудбалери гордо ја пееја химната и одеа кон зацртаната цел. Срамно е што немавме можност да уживаме во играта на најдобриот фудбалер на светот во сите 90 минути. Навивачите не престанаа да го бараат и да го извикуваат неговото име. Се надевам, дека Бог и вашиот драг пријател Фернандо ќе продолжат рака под рака и ќе направат да уживаме во неговите мајстории барем уште една вечер“, напиша Георгина.

Роналдо во дресот на Португалија досега има одиграно 195 меча и постигнато 118 голови, во што е светски рекордер. Под негово водство, Португалците станаа европски шампиони во 2016 година, а во 2019 година триумфираа во Лигата на нации. Тој синоќа доби дваесетина минути кога победникот веќе беше решен.