Ганецот кој си даде два автогола : Горд сум што направив – голем противник сум на местенки

Ганецот Хашмин Мусаха кој го изнасмеа светот со урнебесните два автогола во елитната лига на Гана, за поразот на неговиот тим со 0-7, во мечот кој требало да биде наместен со точен резултат 1-5, изјави дека е горд што го направил тоа за да спречи – лажирање на средбата.

Мусаха влезе во последните 12 минути од мечот кога резултатот бил 0-5, па неговиот тим требало да даде еден гол за местенката да излезе како што е договорена. Арно ама, тој решил да ја урне истата, па намерно си дал два автогола.

Првите информации биле дека Хашмин се налутил дека него никој не му кажал дека ќе се мести мечот за и тој да заработи, ама излезе дека бил толку против местенките во фудбалот, што на влегување во игра на тренерот му најавил дека ќе си даде два автогола.

„Горд сум на тоа што го направив. Во хотелот чув од некои луѓе во клубот дека треба да загубиме 1-5, зашто мечот бил наместен. И решив да им ги урнам сите планови на мешетарите, зашто јас сум голем поборник против обложување и местенки. Му реков на тренерот што ќе направам ако влезам во игра и тоа го направив. На крај соиграчите дури и ми честитаа“, рече Мусаха.