Флик најде „жртва“: Еден од најстандардните во тимот се сели кај Роналдо

Дефанзивецот на Барселона, Иниго Мартинез си заминува од Каталонија и кариерата ќе ја продолжи во Саудиска Арабија, објави Фабрицио Романо.

Мартинез беше еден од најстандардните во редовите на Барселона минатата сезона во која каталонскиот гигант освои три трофеи. Шпанскиот дефанзивец одлично се вклопи во тактиката на Ханс Флик, но и покрај тоа клубот одлучи да ја прекине соработката со него.

Мартинез по солидната сезона не доби премногу прилика во предсезонските натпревари, а со Кубарси, Араухо и Кристесен во Барселона сметаа дека можат да го „жртвуваат“ со цел да ослободат простор за регистрација на новите засилувања.

Следна станица на фудбалерот ќе биде Ал Наср каде што ќе му е придружи на Кристијано Роналдо.

Договорот кој го имаше Мартинез со Барселона беше со важност до 2026 година и опција за автоматско продолжување на уште една. Со неговото заминување во буџетот на Барселона ќе се ослободат 12 милиони евра.

Фото: Barcelona FC/X