ФИФПро со жестока порака: Нехумано е да терате фудбалер да игра, ако се плаши за здравјето!

Светската организација на фудбалери (ФИФПро) им порача на клубовите да не се однесуваат нехумано кон своите фудбалери, ако постојат играчи кои се плашат за своето здравје во ек на пандемијата со коронавирус.

Многу фудбалери, а според англиските медиуми, барем половина од премиерлигашките играчи стравуваат за здравјето, веќе јавно посочуваат дека не се чувствуваат безбедно и дека подобро би било да не играат, отколку да преземат голем ризик. Но, и покрај тоа, како се олабавуваат мерките во земјите, така клубовите веќе почнуваат со тренинзи или веќе тренираат и се подготвуваат за рестарт на сезоната.

ФИФПро реагираше откако фудбалерот на Вотфорд, Трој Дини одби да се врати на тренинзите од страв за своето дете евентуално да не го зарази, а тоа има респираторни проблеми. Нголо Канте, пак, објави дека не сака да тренира, зашто најголем дел од заразените и починатите во Велика Британија се темнокожци...

„Однесувањето на клубовите и форсирањето да се тренира и работи е – неприфатливо и нехумано. Секој играч има легитимно право да биде загрижен за здравјето и да се обиде да го заштити семејството. Навистина е неприфатливо да се чуе дека фудбалер ќе се соочи со дисцилински санкции само затоа што има страв или не сака некого да зарази. Нехумано е некого да казните среде пандемија бидејќи се обидел да си го заштити семејството“, вели генералниот секретар на ФИФПро, Јонас Баер Хофман.

Англискиот репрезентативец Дени Роуз, пак, посочи дека фудбалерите во ек на пандемијата изгледаат како „експериментални глувци“, со форсирањето да се игра фудбал, а не постојат никакви гаранции дека е безбедно и дека нема ризик за зараза, која потоа би ја прошириле дома.

ФИФПро уште пред повеќе од еден месец изрази загриженост за здравјето на фудбалерите, не само поради здравствената криза, туку и поради фактот што фудбалерите ќе се соочуваат со повреди, а можеби и со посериозни последици од набиениот календар за доигрување и брзиот старт на новата сезона кога ќе се рестартира фудбалот, а тие ќе бидат буквално од кревет станати за да трчаат.