ФИФА воведе ново правило: Секој што ја крие устата ќе биде исклучен!
Одлуката едногласно беше потврдена на состанокот одржан во Ванкувер, а ќе почне да се применува веќе на Светско првенство кое стартува на 11 јуни.
ФИФА ја предложи измената откако Винисиус Жуниор од Реал Мадрид го обвини Џанлука Престијани од Бенфика дека за време на натпревар од Лигата на шампиони во февруари, покривајќи ја устата со рака, му упатил расистички навредлив коментар. УЕФА минатата недела му изрече суспензија од шест натпревари на Престијани поради вербален напад, за кој наведе дека имал хомофобна природа.
Доколку биде избран во составот на Аргентина за Светското првенство, Престијани поради оваа казна би можел да ги пропушти првите два натпревари на актуелниот светски шампион, иако постои можност за жалба.
„По одлука на организаторот на натпреварувањето, секој играч кој ја покрива устата во конфронтација со противник може да биде санкциониран со црвен картон“, соопшти ИФАБ.
Организацијата која ги креира правилата во меѓународниот фудбал истовремено информираше дека црвен картон може да добие и секој играч кој ќе го напушти теренот во знак на протест поради одлука на судијата. Истото правило ќе важи и за членовите на стручниот штаб доколку ги поттикнуваат играчите да го сторат тоа.