Драма пред камерите: Водителка изгуби свест среде фудбалски пренос (ВИДЕО)

Англиската телевизиска водителка, Лора Вудс, предизвика голема вознемиреност кај гледачите откако ѝ се слоши за време на пренос во живо пред почетокот на пријателскиот натпревар меѓу женските репрезентации на Англија и Гана.

Инцидентот се случи додека таа разговараше со аналитичарите Иан Рајт и Анита Асантe во воведната емисија. Во еден момент таа започна да ја губи рамнотежата и се навали нанапред, по што Рајт инстинктивно реагираше и ја фати пред да падне. Камерите го забележаа целиот момент. Веднаш по настанот, режијата го прекина преносот и пушти долг блок реклами, оставајќи ги гледачите во неизвесност околу причината за прекинот.

По паузата, програмата продолжи со нова водителка – Кејти Шанахан, која накратко информираше дека на колешката ѝ се слошило и ѝ посака брзо закрепнување. Подоцна во текот на денот беше потврдено дека здравствената состојба на Вудс е стабилна. Таа лично се огласи на Инстаграм, уверувајќи ги следбениците дека е добро:

„Боже, тоа беше чудно. Простете што ве загрижив. Добро сум. Болничарот рече дека најверојатно е вирус и дека ми треба одмор.“

Вудс додаде дека ѝ е непријатно што сè се случило во живо, но и им се заблагодари на колегите од телевизијата ИТВ за брзата реакција и за грижата.

„Навистина ми е непријатно што се случи пред камерите, но огромно благодарам до моите колеги кои веднаш ми помогнаа... Уште еднаш се извинувам“, додаде таа.