Докторот на Марадона пред сериозно обвинение дека е крив за смртта на легендата

Луке се соочува со обвинение за негрижа и пропусти во лекувањето на Марадона, а истрагата е почната после сведочењето на ќерките на аргентинската легенда, Далма и Џанина. Полицијата веднаш извршила рација во клиниката каде работи лекарот, како и во неговиот дом.

Како што објавуваат аргентинските медиуми, дури 60 полицајци биле вклучени во истрагата и во акцијата на двете локации, а од Луке се конфискувани сите можни документи, кои би можеле да послужат во истрагата за смртта на фудбалскиот Бог.

Утре или задутре, лекарот треба да се појави на сослушување пред истражен судија каде ќе одговара на прашања за негрижата и грешки во лекувањето, посебно во пропустите околу процедурата за лекување откако марадона две недели пред да почине, беше пуштен од болница по извршената операција на главата за да се спречи крварење во мозокот поради хематом.

На Луке му се става на терет дека не ги спровел сите потребни процедури после отпуштањето од болница и дека таа негрижа довела до тоа Марадона да нема адекватна и брза лекарска помош кога му се слошило во средата претпладне, а починал точно на пладне по аргентинско време.

Обвинителството како доказ за негрижата е повикот од Луке до брзата помош кога на Марадона му се слошило, а докторот во разговорот со брзата помош не кажал дека се работи за најомилениот аргентинец, туку за човек стар 60 години. Луке не бил со Марадона дента кога легендарниот фудбалер почина.

Медиумите сега ги поставуваат прашањата дали Марадона имал прописно исполнета отпусна листа? Зашто специјалист не бил во куќата со Марадона по 24 часа откако бил пратен на рехабилитација? Дали во куќата имало адекватни лекови? Дали до крај бил испочитуван лекарскиот протокол? Зошто немало дефибрилатор во куќата? Дали состојбата на Диего била следена од час во час пред смртта?

Марадона почина во средата попладне по македонско време, а во четвртокот доцна вечерта беше закопан покрај своите родители во Бела Виста во интимна церемонија во присуство на неговото семејство и најблиските пријатели.