Денеска на СП: Аргентина нема право на грешка со Австралија, Холандија ќе биде внимателна против САД
Холандија беше една од најдобрите репрезентации во групната фаза, меѓутоа само по број на бодови (седум) и освоеното прво место во групата која беше релативно лесна за „лалињата“, кои сепак не ја воодушевија публиката со нивните настапи во досегашниот дел од Мундијалот, но впечатокот може да го поправат против младата селекција на САД.
Екипата на Луј Ван Гал славеше на два меча и одиграно едно реми во групната фаза, но во сите три натпревари испратија само осум удари во рамките на противничкиот гол, што е загрижувачки, меѓутоа светла точка е тоа што младиот и талентиран напаѓач на ПСВ, Коди Гакпо постигна три гола на три меча.
Младата репрезентација на САД ја оствари примарната цел, а тоа е пласман во осминафинале, сепак фудбалерот на Челси, Кристијан Пулишиќ, кој блесна на теренот, заедно со неговите колеги не мислат да запрат тука и ќе се потрудат да направат ново изненадување.
„САД покажа дека е одлична селекција. Според мене, таа е една од најдобрите во групната фаза“, кажа Ван Гал пред денешната пресметка.
Пулишиќ се повреди во последниот меч од групната фаза, сепак последните информации на медиумите се дека американската ѕвезда ќе заигра против Холандија и ќе се обиде да ги расплака фаворитите во оваа пресметка.
„Работев во Холандија и имам многу пријатели, но вечерва ќе биде поинаку бидејќи никој нема право на грешка“, кратко порача селекторот на САД, Грет Берхалтер.
Аргентина денеска нема право на грешка против Австралија, освен ако не сака да си замине дома, а ретко кој очекуваше да го освојат првото место во групата Ц по мизерниот старт и шокантниот пораз од Саудиска Арабија, кој очигледно ги разбуди ѕвездите на селекторот Лионел Скалони.
Лионел Меси го игра последниот Мундијал во кариерата и ова му е последна шанса да го освои трофејот кој му недостига во богатата колекција, а можеше да се каже дека е расположен по двете победи во групната фаза, иако утна пенал против Полска, сепак ќе има шанса да се поправи против Австралија.
Меси има уште една причина зошто да блесна против Австралија, а тоа е бидејќи со гол би ги надминал Диего Армандо Марадона и Гиљермо Стабиле по број на погодоци (сите имаат по осум) на СП во репрезентативниот дрес, па така пред него ќе остане само легендарниот Габриел Батистута со 10 гола.
Most Goals Argentina FIFA World Cup @afa
— Yanek Stats (@yanekstats) December 2, 2022
1⃣0⃣ - Gabriel Batistuta 🇦🇷
8⃣ - Diego Maradona 🇦🇷
8⃣ - Guillermo Stábile 🇦🇷
8⃣ - Lionel Messi 🇦🇷
6⃣ - Mario Kempes 🇦🇷
5⃣ - Gonzalo Higuaín 🇦🇷
1⃣ - Alexis Mac Allister 🇦🇷 🆕
1⃣ - Julián Álvarez 🇦🇷 🆕 pic.twitter.com/G2Nd8GrZz1
Австралија за последен пат во осминафинале играше во 2006 година, откако потоа трипати испадна во групната фаза, па сега е мотивирана да направи чекор понапред и да обезбеди четвртфинале, но тоа ќе биде пеколно тешко против мотивираните „гаучоси“.
Победникот од мечот меѓу Холандија и САД во четвртфинале ќе се соочи со подобриот тим од Аргентина - Австралија, додека останатите парови може да ги погледнете во продолжение.