Давид Бабунски не си оди од Јапонија – ќе игра за второлигашот Омија Ардија

Еден од најталентираните македонски фудбалери и член на „златната младинска генерација“, Давид Бабунски ќе продолжи да игра во Јапонија, откако го раскина договорот со Јокохама и ќе продолжи во второлигашот Омија Ардија.

Бабунски веќе потпишал едно ипол годишен договор со новиот јапонски клуб, па сега само се чека официјалната промоција на македонскиот фудбалер за врска во новиот дрес. Бабунски во Јапонија замина пред година ипол, откако имаше неуспешна авантура во белградска Црвена Звезда, каде не доби вистинска шанса за да ги покаже квалитетите.

Младиот фудбалер, син на доскорешниот вардаров тренер Бобан Бабунски ја мина комплетната школа на Барселона, беше дел и од вториот тим на каталонската гордост, по што замина прво во Белград, а потоа и во Јапонија. Тој беше еден од најстандардните македонски репрезентативци во минатата генерација во селекцијата до 21 година, која лани во Полска играше на Евро 2017 и го напиша најголемиот репрезентативен успех на земјава.

Инаку новиот клуб Омија во минатата година испадна од Џеј-лигата, но сега има амбиција повторно да се врати во елитата, а Бабунски треба да им помогне да ја остварат таа цел и во 2019 година повторно да бидат дел од најсилната јапонска лига. Новиот клуб на Бабунски во моментов е петопласирана со 47 бода и во зоната за плејоф за пласман во елитата, со шест бда помалку од вториот Мачида, а девет од лидерот Јамага. Првите две екипи директно се пласираат во Џеј-лигата.