Босанците водеа безмалку еден час, на крајот мораа да се задоволат со бод (ВИДЕО)
Натпреварот одигран на стадионот БМО Филд во Торонто заврши 1-1, но се чини дека Босанците би можеле да бидат поразочарани од конечниот исход. Пред се, поради тоа што беа во водство безмалку еден час регуларно време (со судиското продолжение во првото полувреме тоа е и повеќе од час), но не издржаа до крајот.
Резултатот го отвори Лукиќ во 21. минута по еден „главомет“ во шеснаесетникот на Канада при што прв со топката играше Колашинац кој префрли до својот напаѓач, а овој од непосредна близина со глава ја вметна топката во мрежата. Домаќините беа многу подобри во натамошниот дел од мечот, имаа и три изгледни шанси, но еднаш ја погодија пречката, еднаш одбрани голманот Васиљ, а еднаш спаси Колашинац. На спротивната страна Демировиќ можеше да стави точка на дилемите околу победникот, но не беше прецизен.
Бод на Канада ѝ донесе Ларин во 78. минута, само две минути откако влезе во игра на местото на Олувасеји. Одлично ја прими топката на врвот од шеснаесетникот, а потоа со прецизен удар ја смести зад Васиљ. Во судиското продолжение Канаѓаните имаа уште една шанса за гол, но Мухаремовиќ се испречи и спречи победа на противникот.
Во вториот меч од оваа група се среќаваат Катар и Швајцарија, а нивниот натпревар се игра утре вечер од 21 часот.