Бора Милутиновиќ: Мој фаворит е мојата татковина - Србија!

Легендарниот српски фудбалски тренер, Бора Милутиновиќ, дал интервју за „Инсајд Катар“, на тема претстојното Светско првенство и се разбира, неизбежно било прашањето за кого ќе навива.

Родум од Баијна Башта, кај Златибор, но во моментот жител на Катар, Милутиновиќ не се срамел да каже дека најблиску на срце му е Србија.

„Ако ме прашате која репрезентација ми е најдрага, би рекол дека мојот сентиментален фаворит е Србија. Тоа е мојата татковина. Сепак, ако треба да прогнозирам кој ќе игра финале, би рекол Бразил и Франција. Франција има сјајни играчи како Мбапе и Бензема, како и добар селектор. Бразил и Аргентина исто така имаат многу квалитетни поединци, но и победнички менталитет на вкави натпреварувања“, рекол 78-годишниот Милутиновиќ.

Тој го држи рекордот за најмногу Светски првенства како тренер, заедно со Бразилецот Карлос Алберто Париера, по пет. Меѓутоа, Милутиновиќ бил предводник на пет различни селекции и на пет првенства едноподруго: Мексико (1986), Коста Рика (1990), САД (1994), Нигерија (1998), и Кина (2002). Притоа, со сите освен со Кина успеал да ја мине групната фаза.