„Бомба“ од Островот: Манчестер Јунајтед тргнал по потписот на Чави?!

Манчестер Јунајтед никако не успева да ја надмине резултатската криза и се погласно се пишува за отказ на тренерот Ерик Тен Хаг. Во јавноста се шпекулираше со неколку имиња како негови можни наследници, но сега едно посебно изненадува.

„Дејли Мејл“ пренесува дека „црвените ѓаволи“ започнале преговори со поранешниот тренер на Барселона, Чави Ернандез.
Наводно, делегација од четири члена од клубот од „Олд Трафорд“ ја посетила Барселона и разговарале со Чави, откако неколку недели претходно биле остварени првите контакти.

Чави во овој момент е без ангажман, а претходно три години ја водеше Барселона и во тој период го освои првенството и Суперкупот на Шпанија. Откако замина од Барселона поради конфликт со претседателот Лапорта истакнуваше дека не би работел во друг шпански клуб.

Манчестер Јунајтед во овој момент е на 12. позиција во Премиер лигата со 11 освоени бодови, додека во Лига Европа има само два бода од два натпревари.