Велковски и Алиоски викендов нема да играат за да бидат подготвени за Македонија!

Двајцата македонски интернационалци, Дарко Велковски и Егзијан Алиоски, кои се стандардни репрезентативци на Македонија викендов нема да играат и ќе ги прескокнат своите мечеви за Риека односно Лидс, за максимално да бидат подготвени за пресметките за црвено-жолтите во завршните два евроквалификациски мечеви со Австрија и Израел.

Велковски и Алиоски имаа повреди, но според информациите на селекторот Игор Ангеловски, веќе имаат санирани повреди и поради тоа се на списокот на избраници за двата меча, но од претпазливост ќе одмораат викендов и потоа од понеделник ќе почнат со подготовката за мечевите за националниот тим.

Велковски повеќе од месец и половина е во аут откако ја повреди задната ложа, за разлика од Алиоски кој е повреден нешто повеќе од една недела. Сепак, двајцата се во тренажен процес и Ангеловски очекува да ги има потполно фит за мечевите.

„Дарко Велковски е во слична ситуација како Стефан Ристовски за минатите два меча. Ристовски минатиот месец дојде после само една недела во полн тренажен процес и одигра одлично во мечевите со Словенија и со Полска. Сега, Дарко е во иста ситуација, седум дена е во максимален тренажен процес и се надевам дека ќе биде иста ситуацијата како со Стефан, дека ќе може да ни се стави на располагање. Ако е подготвен секако дека ќе игра, ако не е ќе бараме алтернатива, но негова должност е да се јави. Во ситуација со Алиоски, неговата повреда е санирана, а и двајцата викендов нема да играат за своите клубови“, посочи Ангеловски.

Македонскиот селектор има сериозни проблеми зашто за последните два меча ќе ги нема Аријан Адеми, кој има фрактура на стапалото (шест недели треба да паузира), како и Егзон Бејтулаи, кој исто така е повреден. Во ситуација кога Висар Муслиу е суспендиран заедно со Бобан Николов и Илија Несторовски, македонскиот селектор се соочува со проблеми како да скрпи одбрана зашто од првата петорка во погон е само Стефан Ристовски. Ангеловски во последно време игра со три стопери, па од формацијата Ристовски (десно) – Бејтулаи, Велковски, Муслиу – Алиоски (лево) во моментов го има само десниот бек без проблеми и тоа откако пред неполн месец се врати на терените по две ипол месечната пауза поради повреда.