Уште 10 дена за трансфери: Тројца репрезентативци без клуб, а еден сѐ уште – третолигаш?!

Годинешниот летен преоден рок во Европа беше спектакуларен, со низа бомбастични трансфери, доста бурен и за македонските репрезентативци, ама загрижувачки за селекторот Благоја Милевски, четворица клучни фудбалери сѐ уште се проблематични, а тројца од нив немаат ни клуб и немаат поминато ни летни подготовки.

Дарко Велковски после разделбата со Риека по четири години минати во овој хрватски клуб, сѐ уште нема тим каде ќе ја продолжи кариерата, а се поврзуваше со МОЛ Фехервар (Унгарија), Жирона (Шпанија), Анкарагучу (Турција), Малме (Шведска)... Но, ништо досега во изминативе повеќе од два месеци не се случи околу неговиот трансфер.

Втор кој сѐ уште нема клуб е бескомпромисниот борец Бобан Николов, откако едногодишната соработка му заврши со молдавски Шериф Тираспол, со кој освои двојна круна, играше во Лигата на шампионите (даде еден гол против Динамо Киев). Но, како и Велковски, Николов повторно како и лани е во потрага за нова дестинација, откако и во минатата година во последен час потпиша со Молдавците. Николов летово се поврзуваше само со турскиот второлигаш Маниса, но фудбалерот за врска веднаш демантираше дека воопшто размислува за таков трансфер.

Трет репрезентативец кој во јуни имаше и првотимски статус е Стефан Спировски, фудбалерот за врска кој во моментов е слободен откако МТК Будимпешта испадна од елитата во Унгарија. Ни тој засега нема решение каде ќе ја продолжи кариерата, а е доста важна алка во селекцијата на Милевски.

Четврти кој мора да направи трансфер, а и селекторот Милевски „притиска“ е Висар Муслиу, кој за разлика од Велковски и Николов, е во натпреварувачки ритам и игра во германски Инглштад, но во третата лига, која е далеку под нивото за еден македонски репрезентативец кој ланското лето играше на Еуро 2020, а во март се бореше за пласман на СП: За Муслиу е заинтересиран второлигашот Сент Паули, но трансферот е на „стенд бај“ зашто ангажманот зависи од продажбата на Хрватот Јаков Медиќ во Штутгарт и ако тоа не се случи, тешко дека и Муслиу би завршил во овој клуб од Хамбург.

Еден месец до завршницата на Лигата на нации и клучните пресметки со Грузија во Тбилиси и со Бугарија во Скопје, стоперскиот тандем Велковски-Муслиу е голема главоболка за Милевски, но и фактот дека Николов кој во ротацијата секогаш е една од опциите за средниот ред исто така пред крајот на преодниот рок не го решил своето прашање за продолжението во кариерата.

Елиф Елмас и Јани Атанасов се двајцата репрезентативци кои до крајот на овој преоден рок исто така може да направат трансфер. За Елмас нешто потешко, зашто Наполи не планира по секоја цена да го продаде, а треба некој да одврзе 40 милиони евра. Англиски Евертон е последниот што покажал сериозен интерес, а Манчестер јунајтед наводно исто така е заинтересиран. За Англичаните 40 милиони евра не се преголема цена, но...

Атанасов пак е на радарот на шкотски Селтик и за 1,5 милиони фунти би можел да направи трансфер од Хајдук, но засега нема конкретни преговори.

Инаку летово беше доста бурно за македонските репрезентативци, Езџјан Алиоски и Енис Барди направија трансфери во клубови од големата четворка на Турција, популарниот Џани во гигантот Фенербахче, а Барди во првакот Трабзон. Бојан Миовски се пресели во Абердин од МТК и веќе игра извонредно и има четири гола на пет меча, Дарко Чурлинов замина во Барнли од Штутгарт, Никола Серафимов од Залаегерсег направи чекор понапред во Унгарија потпишувајќи за МОЛ Фехервар, младинецот Марио Илиевски од Септември Софија дојде во унгарскиот вицепрвак Кишварда, Тодор Тодоровски се пресели во Симгајт од Азербејџан, а Енис Фазлагиќ се врати во Словачка, сега во Дунајска Стреда на едногодишен заем од полска Висла.