УЕФА направи циркус од младинското ЕП, за Македонија патот – ептен потежок!

Младонското Евро 2021 не се одложи како женското континентално првенство за 2022 година, па УЕФА направи циркус од самиот турнир кој практично ќе се игра во два дела во Словенија и Унгарија, ама за настап – нема да има баражи.

Лоша вест дојде од Нион за избраниците на Благоја Милевски, зашто од првичниот систем деветте победници на групата и најдобриот второпласиран да одат директно на ЕП, а осумте други второпласирани да играат бараж, сега УЕФА го скрати системот со тоа што сите првопласирани и петте најдобри втори селекции ќе одат во групна фаза заедно со двата домаќини, Словенија и во Унгарија, и ќе играат од 24 до 31 март, како прв дел од еврошампионатот.

Ова значи дека Македонија за да се најде во групната фаза од Евро 2021 ќе треба да победи буквално се за да се избори за место меѓу петте најдобри втори селекции, особено што Шпанија во нашата група е апсолутен фаворит.

Вториот дел од еврошампионатот на младите ѕвезди во Европа ќе се игра со фајнлејт-турнир од 31 мај до 6 јуни, повторно во Словенија и Унгарија преку четвртфинале, полуфинале и финале во Љубљана, а таму ќе учествуваат првите две селекции од секоја од групите кои ќе играат во првиот дел од првенството во март догодина.

Македонија во својата група со седум бода од четири меча има исто бодовно салдо со Казахстан (пред нас е поради подобрата гол-разлика) од пет меча, Израел е втор со осум бода (четири меча), додека апсолутниот фаворит Шпанија е убедливо прва со 13 бода (пет меча). Во табелата за најдобрите второпласирани тимови, нема да се сметаат бодовите со последниот, зашто не се сите групи со по шест екипи, што значи шест бода од контото секако би ни фалеле ако Фарските Острови кои се убедливо на дното, останат таму до крајот.

Во моментов ако се погледнат второпласираните, Италија има 13 бода (5 меча) од првата група, Франција има 9 (4) од втората, Австрија има 12 (5) од третата, Грција 10 (4) од четвртата, Полска 10 (5) од петтата, Португалија 9 (4) од седмата, Романија 10 (5) од осмата и Германија 6 (3) од деветата група. Ова покажува дека Македонија ќе мора да биде стоотсто ефектна со победи за да се надева на евентуално повторување на историскиот успех од 2017 година.

Инаку квалификациите во кои Македонија има шест меча за да доигра, ќе се одиграат во термините од септември до ноември, кога се и термините за репрезентациите на сениорско ниво.