ФФМ и селекторот во тивка војна: Ќе настрада ли А-тимот пред најважниот меч во историјата?

Додека Македонија и фудбалската репрезентација веќе почнаа да ги одбројуваат трите недели до баражот во Тбилиси против Грузија за пласман на Европското првенство догодина, „тивката војна“, што подолго време се води помеѓу раководството на Фудбалската федерација (ФФМ) и репрезентацијата односно селекторот Игор Ангеловски, би можела да кулминира токму пред овој најважен меч во историјата.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Ангеловски токму на денот кога го играме најважниот меч во историјата ќе прослави своевиден „роденден“ - пет години како е селектор. Тој на функцијата дојде во 2015 година, а колку и да звучи тоа чудно и нереално, дури и со пласман на ЕП би можел да остане без работа, зашто засега нема најава за почнување преговори за нов договор, без разлика што актуелниот му завршува за само два месеци. Веќе подолго време е јавна тајна дека односите на селекторот со раководството на ФФМ одамна се затегнати и се води „тивка војна“, па се чека само на (по)голем кикс за да заврши „идиличната соработка“

ОД „МИЛЕНИЧЕ“ НА ФФМ ДО ЕПТЕН ЗАТЕГНАТИ ОДНОСИ СО ВРВОТ 

Ангеловски кога седна на клупата на македонската репрезентација важеше за милениче во ФФМ, особено во ерата на бившиот претседател Илчо Ѓорѓиоски, чија десна рака беше сегашниот прв човек Муамед Сејдини. Но, откако Ѓорѓиоски отстапи од функцијата, а Сејдини го зазема „престолот“, работите од ноември лани, само шест месеци после продолжената соработка, тргнаа во еден поинаков правец и во последно време тие односи станаа многу затегнати.

Според добро упатени извори во случувањата,  цела година тлее „тивка војна“, која засега минува(ше) настрана од очите на јавноста и медиумите, иако на прв поглед соработката делува идилично. Каде пукнала работата во релацијата ФФМ – селектор не е јасно, но наводно уште во октомври лани имало мали искри, а еден месец потоа, како што дознаваме, веќе бил напишан отказот за популарниот „Мрме“ и се чекало само кикс со Израел за да биде реализиран, а тој - избркан. Арно ама, триумфот (1-0) со кој првпат македонската селекција заврши едни квалификации на трето место, го урнала обидот за смена во старт, а посебно кога зад селекторот застанал комплетниот национален тим.

Дека „тиквата пукнала“ почна да се разјаснува еден месец по тој меч со Израелците, кога Ангеловски не се појави на традиционалното доделување на наградите за најдобрите во македонскиот фудбал за 2019 година, кое се одржа во МНТ, нешто што не го пропушташе откако седна на функцијата. Дури и во март, кога пандемијата чукаше на врата, Ангеловски на ждрепката за Лигата на нации во Амстердам, немал скоро никаков контакт со раководството, освен 15-на минути протоколарно, што само ја надополнуваше сликата дека нешто чудно се случува во „идиличните“ односи на релација ФФМ – селектор.

ОБИД(И) ЗА ПОДМЕТНУВАЊА ПРЕД НАЈВАЖНИОТ ПЕРИОД ВО ИСТОРИЈАТА НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Дека состојбите се далеку од сјајни и тоа баш пред историскиот период за евентуален настап на ЕП, откри капитенот Горан Пандев, пред пресметката со Косово (2-1). Капитенот преживеа голгота за да дојде да игра откако во Џенова експлодира зараза од коронавирус, па со судни маки стигна до Скопје и се пожали дека одредени луѓе, „меѓу редови“ посочувајќи со прстот кон врвот на ФФМ, не кренале ниту телефон да го прашаат како е.

„Седум дена бев во карантин, не излегов од хотел, немав ниту тренинг, а некои луѓе не ни кренаа телефон за да прашаат: 'како е Горан?' Добро, можеби се зафатени со градење на терени, но ќе помине и тоа, и тоа ќе се заборави, само да победиме со Косово“, рече тогаш Пандев.

Ноќта после големата победа за пласман во финале, Ангеловски на прашање какви се односите со ФФМ и првиот човек Сејдини, притоа одбивајќи да се (за)меша околу јавниот настап на Пандев велејќи „само Горан тоа може да го објасни“, кратко и ладно одговори:

„Јас си ја работам мојата работа, тие ја работат нивната работа. Јас носам одговорност за мојата, а тие за нивната“, рече селекторот без да навлегува во некакви детали.

КУЛМИНАЦИЈА НА „ТИВКАТА ВОЈНА“ СО (НЕ)НАМЕРНОТО ПОДМЕТНУВАЊЕ НА РУФАТИ!

Кулминацијата на „тивката војна“ се случи откако Македонија после киксот во Естонија, остана десеткувана со бројни повреди, суспензии за пресметката со Грузијците за третиот меч месецов, па дополнителен повик доби и младинскиот репрезентативец Агрон Руфати. Тој беше повикан, одработи тренинг и вечерта беше објавено дека нема право да игра. Руфати беше суспендиран за настап за младата селекција, па се отворила навидум шанса да игра за сениорите, ама...

„Од федерацијата ни рекоа дека може да сметаме на Руфати зашто е суспендиран за младите, ама среќа што проверивме, па секретарот прати допис до УЕФА и добивме одговор дека нема право за настап. Ако не проверевме, можеше да се соочиме со службен пораз“, откри Ангеловски тогаш.

Македонија сега ја чека најважната битка, а додека Ангеловски полека ќе скенира кој во каква форма е, ќе го крои списокот и ќе ја разработува стратегијата, ФФМ ќе продолжи со „тактичките надмудрувања“ чекајќи го исходот од историското гостување во Тбилиси, пред да пресече што понатаму. Навидум тешко е да се поверува и замисли дека ако направи историски успех, Ангеловски би можел да извиси и да не оди со националниот тим на ЕП, ама со ФФМ сè е можно, па и ваков (не)реален исход.

Само, прашање е и како ќе реагира јавноста, а посебно соблекувалната, во која за обединетоста и добрата атмосфера меѓу најзаслужните е токму актуелниот селектор. Но, мора да се знае дека и во фудбалот многу бури во минатото завршувале со народната – секое чудо за три дена, па ништо чудно и со оваа да биде така.