Таневски дебитира на кормилото против Црна Гора: Очекувам тимот да покаже карактер и дисциплина!

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година ќе ги одигра последните два меча од квалификациите за Европското првенство (ЕП) против Црна Гора и шведска, а Александар Таневски ќе дебитира на кормилото.

Таневски од неговите избраници очекува да покажат карактер и дисциплина, а исто така посочи дека ќе одат на победа.

„Пред се, против Црна Гора, особено бидејќи тоа ќе биде мојот прв официјален натпревар како селектор на репрезентацијата, сакаме позитивен резултат и победа. Сакам да видам карактер и дисциплина, но и начинот на кој сакаме да играме во иднина“, кажа Таневски.

Македонија сака со добра игра и позитивен резултат да го отвори новиот период под водство на Таневски, а со тоа и да продолжи да создава екипа подготвена за следниот квалификациски циклус.

„Сега фокусот е целосно на Црна Гора. Сакаме со добра игра, карактер и позитивен резултат да го отвориме овој нов период, а паралелно да продолжиме да градиме екипа која ќе биде подготвена за следниот квалификациски циклус“, додаде Таневски.

Македонија утре го игра мечот против Црна Гора од 18 часот на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, додека следниот дуел е на гости кај Шведска.