Стоичков и Пандев: Трагедија како во Кочани не смее да се повтори - никаде во светот!

Македонската фудбалска легенда, Горан Пандев, кој беше капитенот на ветераните кои синоќа настапија во Варна, по завршувањето на хуманитарниот натпревар против легендите на Бугарија од 1994 година им се заблагодари на домаќините за топлото гостопримство и организацијата на настанот.

Истакнувајќи ја честа што им беше укажана, Пандев упати посебна благодарност до Христо Стоичков, иницијатор на овој собир, како и до сите што учествуваа.

„Од името на цела Македонија и на претседателот на ФФМ, искрено благодарам за овој прекрасен настан. Прво му благодарам на најголемиот – Христо Стоичков, а потоа и на сите други кои се потрудија сè да биде совршено. За нас беше голема чест да играме против најсилната генерација на бугарскиот фудбал. Се надеваме дека ќе ни возвратите со гостување во Македонија за да можеме да ви се оддолжиме. Денес игравме фудбал како браќа и покрај големата трагедија која ја погоди Македонија покажавме дека спортот е најголем амбасадор,“ изјави Пандев.

Натпреварот, кој заврши со победа на македонските ветерани (3-2), имаше за цел собирање средства за семејствата погодени од неодамнешната трагедија во Кочани. Организаторот на настанот, бугарската фудбалска легенда Христо Стоичков, исто така се обрати до присутните, нагласувајќи ја важноста на хуманитарната иницијатива.

„Кога се случи трагедијата, веднаш се јавив кај моите пријатели Пандев и Хаџиевски. Немаше потреба да молам – веднаш рекоа 'ДА'. Благодарен сум на сите кои помогнаа. Знаеме дека ништо нема да ги врати животите на младите луѓе, но мора да покажеме дека сочувствуваме со нашите пријатели, браќа и семејства. Сите собрани средства ќе ги пренесеме на Фудбалската федерација на Македонија, за да ги достават до погодените. Посебна благодарност до Варна за топлиот пречек и полните трибини,“ порача Стоичков.

Катаклизмичкиот пожар во дискотека во Кочани пред повеќе од еден месец однесе 62 животи, а преку 200 претежно млади лица завршија со повреди.

ФОТО: SPORTAL.BG