Србија со нов селектор на надежите во новиот циклус во групата со Македонија?

Младата селекција на Србија до 21 година во новиот евроквалификациски циклус во кој противник ѝ е и Македонија за пласман на Евро 2023 ќе влезе со нов селектор, откако Фудбалскиот сојуз на северниот сосед (ФСС) решил да го смени досегашниот кормилар Илија Столица.

Според информациите на српските медиуми, во ФСС веќе е спремна смената, која започна со ангажманот на Драган Стојковиќ – Пикси на кормилото на сениорскиот тим и со ангажманот на легендарниот Стеван „Дика“ Стојановиќ за спортски директор. Сега, според информациите, Столица треба да го замени Звонко Живковиќ, екс-фудбалер на Партизан и со него младинците на „орлите“ да влезат во новиот циклус.

Србија е еден од противниците на Македонија во новиот циклус, покрај првиот фаворит Франција, потоа Украина, Фарски Острови и Ерменија. Според распоредот Македонија и Србија ќе се соочат во Скопје во второто коло од квалификациите, на 7 септември, а вториот меч ќе се игра во Србија на 24 март идната година.

Да е циркузот поголем во српслкиот фудбал околу младата селекција е фактот дека Столица не е ни информиран за евентуалната смена.

„Слушнав за овие информации дека сум сменет, ама добив различни пораки кога доаѓав и не можам ништо да коментирам, а и не сакам додека не добијам нешто официјално. Медиумите некогаш помагаат, некогаш одмагаат, ама кај нас може да биат и реалноста. Затоа подобро сега да не коментирам“, рекол Столица.

Тој од октомври 2019 година беше селектор на младите, а беше и в.д. селектор на Србија откако се одолговлечи премногу ангажманот на Стојковиќ на сениорскиот тим.