„Создаваме тим и имаме идеална група, почнува ново поглавје за женскиот фудбал“

Женската фудбалска репрезентација на Македонија ги почна подготовките за првите натпревари од новиот квалификациски циклус за Светското првенство.

Селекторот Андов верува дека со овие подготовки се отвора и едно ново поглавје за женскиот фудбал.

“Почеток на нов циклус натпревари, но и ново поглавје во македонската женска фудбалска репрезентација. Овој тим е составен од фудбалерки кои беа дел од селекциите до 17 и 19 години, а тука се и фудбалерки кои и претходно беа во составот на сениорската репрезентација. Во репрезентацијата доминираат фудбалерки од домашниот шампионат. Правиме нов концепт, создаваме нов тим, кој подолг период ќе игра заедно. Во овој циклус на квалификации имаме идеална група да се види до каде сме, но и покрај фактот што екипата е целосно подмладена и во екипата имаме фудбалерки кои за прв пат ќе бидат дел од А репрезентацијата, јас сум оптимист и верувам дека можеме да бидеме подобри од Азербејџан и Андора”, изјави селекторот Андов.

Во оваа генерација има фудбалерки од кои Андов очекува да го потврдат квалитетот кој досега го покажувале во младинските категории.

“Не е исто да се игра во помладите селекции и во сениорскиот тим. Во А репрезентацијата притисокот е далеку поголем. На тие натпревари фудбалерките играат со противнички на своја возраст, а во сениорска конкуренција се среќавате со играчи кои се повозрасни. Сепак мора да потенцирам дека нашите млади фудбалерки имаат победнички менталитет кој го потврдија во настапите за репрезентациите до 17 и 19 години каде успеаа да се пласираат во елитните фази и да се соочат со најдобрите селекции од Европа. Сметам дека овие девојки го носат токму она што и недостасуваше на сениорската репрезентација, победнички дух и тимска игра. Се надевам дека таа енергија во комбинација со поискусните фудбалерки кои се дел од селекцијата ќе донесе резултати и дека ова ќе биде тим со кој во блиска иднина сигурно ќе се гордееме”, продолжи предводникот на националниот тим.

Нашата репрезентација во дуелите со Азербејџан и Андора ќе ја има фаворитската улога, а најсилна на хартија во групата е Унгарија.

“Нашите планови се да освоиме шест бода во овие два натпревари. Во двата дуели ќе одиме на победа и ако ја исполниме целта ќе се најдеме на нивото кое сакавме да го постигнеме во претходните два циклуси. Во првиот за малку не успеавме да се пласираме во баражот, а сега очекувам да го направиме тој решавачки исчекор. Ова е тим кој ќе биде заедно во следните десетина години што значи дека имаме потенцијал да бележиме постојан напредок”, истакна Андонов.

“Унгарија е главен фаворит за освојување на првото место во групата. Сепак сметам дека и со оваа селекција можеме да бидеме рамноправни особено ако го земеме в предвид контролниот натпревар со селекцијата на Русија кога покажавме дека можеме играме и со селекции кои вбројуваат меѓу поквалитетните на Стариот континент. Со добра подготовка и максимална концентрација на теренот верувам дека и на тие натпревари можеме да бидеме рамноправен противник”, заврши селекторот на женската фудбалска репрезентација на Македонија.

Првиот натпревар фудбалерките го играат на 3 март во Баку, а четири дена подоцна дома во Битола ќе ја пречекаме Андора, влезот за овој дуел ќе биде слободен.