Шпанска легенда има совет за нашиот Столе: Под итно да си одиш од Валенсија!

Поранешниот голман на Валенсија и шпански репрезентативец, Сантијаго Кањисарес, остро ја коментираше ситуацијата на Столе Димитриевски, оценувајќи дека македонскиот голман нема повеќе што да очекува од „лилјаците“ и дека треба сериозно да размисли за заминување, бидејќи клубот не исполнил ниту едно од ветувањата со кои го донел.

Според него, Валенсија неправилно ја води голманската политика, а тоа носи штета и за клубот и за макеоднскиот чувар на мрежата. Тој нагласи дека наместо да се развива голман кој можел да стане долгорочно решение, шпанскиот клуб цела сезона му дава приоритет на Хулен Агиресабала, позајмен од Атлетик Билбао, со што се создава вредност за друг клуб. Димитриевски, кој пристигна како слободен играч и беше проектиран како наследник на Мамардашвили, никогаш не ја доби очекуваната улога на прв голман.

„Ако клубот во две сезони не реализира ништо од она што му било ветено, тогаш играчот мора да размисли за својата иднина. Искрено, Димитриевски треба да си замине. Јасно е дека е тука само затоа што нема пазар и дека Валенсија веднаш ќе го пушти штом се појави клуб што ќе ја покрие потребната сума“, изјави Кањисарес.

Тој додаде дека целата ситуација создава немир во тимот и го забавува развојот на македонскиот голман, кој пристигна со амбиции да биде прв избор, но остана во сенка на Агиресабала, играч што може да остане во Валенсија само ако по крајот на сезоната се плати обештетување од 10 милиони евра. Според Кањисарес, токму ова е доволен доказ дека клубот нема јасен план за Димитриевски и дека најдобриот потег за него би бил да побара нова средина каде што неговите квалитети навистина ќе бидат вреднувани.