Шпанија ја заплени македонската опрема, откажан тренингот на репрезентацијата!

Македонската репрезентација за фудбалери до 21 година не го одржа синоќешниот тренинг во градот Алкоркорн во пресрет на задутрешниот квалификациски дуел против Шпанија (19.45), а причината за тоа е бизарна – целата опрема на нашиот избран тим била задржана на аеродромот.

Техничкиот менаџер на националниот состав заедно со економите до полноќ останале на аеродромот, но не успеале да ја „извлечат“ опремата, а воедно не добиле ниту информација каков документ е потребен да се обезбеди за да се случи тоа. Од шпанска федерација одговориле дека не знаат за некој нов закон и барање некаква декларација за носење и подигнување спортска опрема, а од ФФМ информираат дека немале добиено никаков допис за дополнителна документација.

За овој во најмала рака скандалозен случај е информиран е делегатот на натпреварот, како и амбасадата на Македонија во Шпанија. И покрај инсистирањето на нашите претставници на аеродромот да пристигне претставник и од шпанската фудбалска федерација, тоа не се случило дури и по чекање од пет часа.