Ристовски: Со два блока и одлични контри можеме до победа против Украина!

Заменик-капитенот на македонската фудбалска репрезентација Стефан Ристовски посочи дека поразот од Австрија (1-3) на отворањето на нашето деби на Европските првенства воопшто нема влијание на атмосферата во тимот и е минато, па црвено-жолтите утре против Украина ќе истрчаат со верба во себе за да победат и да направат исчекор кон втората фаза на Еуро 2020.

ОД БУКУРЕШТ,
НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Ристовски посочи дека основа на триумфот е добрата игра со Австрија во најкголем дел од мечот, а очекува цврст дуел и со Украинците против кои ќе мора да се соочиме со два блока и да ги „чекаме“ на контри.

„Ние сме професионалци и не смее да си дозволиме да ни се сруши атмосферата. Овој настап на Еуро 2020 е прв за нас, првпат сме на голем турнир, па нема време ни за тага, ни за радост, одиш од меч на меч, ние имаме уште два и ништо не е загубено. Загубивме од Австрија, но одиме понатаму. Сега не чека нов, цврст, меч во кој сигурно ќе сакаме да ги извлечеме најдобрите работи од дуелот со Австрија. На Европско играат сите најдобри, сите играат 90 минути, сите играат да победат, така и ние. Не дојдовме да бидеме туристи и Македонија има огромен квалитет, па ќе го покажеме тоа, да играме со два блока, со одлични контри и така можеме да дојдеме до три бода“, вели Ристовски.

Иако е природно десен бек со Германија во епската победа со 2-1, а и на стартот на Еуро 2020 против Австрија играше како десен стопер.

„Кога се работи за Македонија, јас не гледам на која позиција играм, сконцентриран сум да дадам максимум на позицијата која ќе ја одреди селекторот, на која тој мисли дека треба да играм. Јас се потрудив да дадам максимум и нема никаков проблем каде играм, најважно е екипата да функционира и тоа е предноста на сѐ. Ние се спремаме за Украина, имаат добри фудбалери, играчи кои играат добар фудбал, како и Австријците и тие сакаат да играат со топка. Затоа мора да бидеме внимателни и реков веќе еднаш да застанеме во два блока“, додава Ристовски

Македонија и Украина играат утре од 15 часот на Националната Арена во Букурешт.