Македонското чудо од дете Елиф Елмас блесна во сиот свој сјај за да ја остави Македонија во жестока битка за место на Евро 2020, откако фудбалскиот бисер од италијански Наполи вечерва со два гола донесе голема победа со 2-1 против Словенија во седмиот евроквалификациски меч за пласман на континенталниот шампионат.

Елмас во два потези ја реши Словенија во второто полувреме, откако судијата Дани Макели од Холандија пред полувремето му поништи гол поради офсајд, па македонскиот бисер по две асистенции на Горан Пандев (50-та минута) и Иван Тричковски (67. минута), двапати рутински го матираше еден од најдобрите светски голмани Јан Облак за до екстаза да ја донесе преку 16 илјадната публика на Националната Арена и да ја натера да го скандира неговото име.

Елмас блесна кога најмногу требаше, кога Македонија немаше многу идеја и креација како да нападне и како да го пробие двојниот блок на Словенија, која исто така, иако дојдена по три бода, повеќе внимаваше на својот гол, откколку да тргне во некаква офанзива. Во стерилното полувреме во кое повеќе имаше тактичко надмудрување и игра на „сигурна топка“, без да се греши, Македонија двапати се закани од далечина преу Елмас и Бобан Николов, а Словенија се обидуваше да нападне и до полушанси кои не ги претвори во зицери доаѓаше најчесто поради наши грешки.

Откако Елмас го отвори резултатот и тоа во најдобар можен момент, Македонија се ослободи и почна да игра, а Словенците имаа само еден опасен шут преку Јосип Иличиќ во 65-та минута, кој Столе Димитриевски го одбрани. Две минути потоа следеше вториот шок за гостите и вториот гол на Елмас со кој ги дотолчи. Македонија до крајот можеше и до уште поубедлив триумф, но Илија Несторовски биеше сантиметри крај голот кога веќе Облак беше совладан. Димитриевски во судиското надополнување имаше уште една фантастична интервенција по една бомба за да ги откаже Словенците, а во 95-та минута Иличиќ од пенал постигна гол.

Македонија со третата победа сега има 11 бода, исто колку и Словенија и до крајот на евроквалификациите има две ептен тешки гостувања во Варшава в недела кај Полска и во Виена кај Австрија, а потоа домашен меч со Израел.