Првиот лекар на УЕФА најавува - Македонија – Косово на 8 октомври во Скопје без гледачи

Историскиот меч од баражот за пласман на Европското првенство идното лето помеѓу Македонија и Косово кој беше закажа за 8 октомври на Националната Арена „Тодор Проески“ сè поизвесно е дека ќе се игра без гледачи, откако шефот на лекарската комисија на УЕФА, Тим Мејер најави вакво нешто.

Во моментов од УЕФА се очекува комплетниот лекарски протокол и правилникот како да се организираат мечевите под нејзина капа во оваа светска здравствена криза со коронавирусот, а како што најавува Мејер, до крајот на годината ќе биде неизводливо и преризично да се пуштат навивачите на трибини, иако во некои земји веќе има гледачи.

Засега нема конечен став, но наскоро УЕФА ќе треба да го обелодени сето ова.

„Засега нема никаква одлука околу можноста гледачи да има на мечевите, но како што стои ситуацијата, најверојатно е дека до крајот на годинава нема да има гледачи на ниту еден меч во организација на УЕФА. Премногу е ризично“, вели Мејер.

Но, сето ова не се поклопува со најавите дека во завршницата од Лигата на шампионите во Лисабон може да има помал број на навивачи, иако Португалија во моментов има зголемување на бројот на заразени.

„Видете секоја земја има своја различна епидемиолошка слика, а мечеви во една земја ја намалува можноста за трансмисија и останува локално, но кога имате патувања, како Лига на нации на пример, тогаш проблемот е многу поголем за да дозволите секаде да има публика“, додава Мејер.

Македонската фудбалска репрезентација од септември до ноември има сигурни седум меча, а ако го мине Косово ќе игра и осми, финалето за виза за Евро 2020 на гости кај Белорусија или Грузија. Забраната за навивачи на трибините го најави во европските клупски и репрезентативни мечеви уште пред повеќе од еден месец членот на Извршниот комитет, Евелин Кристилин за италијанските медиуми, ама на последниот состанок на 17 и 18 јуни конечна одлука не беше донесена и УЕФА најави дека ќе сочека додека се подготви комплетниот лекарски протокол.

Летово, од август четири македонски клубови треба да играат евроквалификации, по поинаков квалификациски систем од само еден меч, а домаќинот ќе биде избран со ждрепка и ако се остварат најавите, никој нема да може да игра пред домашна публика.