Првата фудбалска репрезентација ќе „настапи“ на „Филип Втори“ пред дуелот со Лихтенштајн

Фудбалската федерација на Македонија пред натпреварот со Лихтенштајн во рамки на 3.коло од Лигата на нации на 13 октомври ќе организира мала свеченост по повод 25 години од првиот натпревар на македонската фудбалска репрезентација. 

Фудбалерите кои настапија на тој историски натпревар во Крањ против словенечката репрезентација и остварија победа од 4-1, треба да се појават на „Филип Втори“ и да продефилираат на теренот. ФФМ ќе ги покани сите членови на првата репрезентација на чело со Дарко Панчев и селекторот Андон Дончевски и ќе им додели пригодни подароци во знак на сеќавање на историскиот натпревар. 

Од „Куќата на фудбалот“ информираат дека од денеска се пуштени во продажба билетите за натпреварот со Лихтенштајн по цена од 100 денари за Јужната трибина и 150 денари за Северната трибина.

Македонија по двете воведни кола во Лигата на Нации има две победи против Гибралтар на гости и Ерменија на домашен терен од по 2-0.