Професор пресметал: Пополнување на албумот „Евро 2020“ ќе ве чини – 12.500 денари!

Вчерашното официјално излегување на албумот со сликички „Евро 2020“ на Панини предизвика вистинска еуфорија во Скопје, каде што првично се продаваше, која се очекува денеска да продолжи и низ цела држава, а причината за тоа е што во него за првпат во историјата ја има и – репрезентацијата на Македонија.

На социјалните мрежи вечна почнаа „фалења“ со тоа кој кого добил од жолто-црвените херои, кои годинава ќе ги заменат најголемите европски ѕвезди како најбарани сликички при размената на дупликатите.

Албумот „Евро 2020“ содржи 654 сликички со фудбалери од 24 репрезентации, специјални слики со амблеми, групна слика и слики во акција, како и дополнителни 14 брендирани слики на крајот. Албумот доаѓа со шест сликички и чини 80 денари, а едно пакетче со пет сликички е 40 денари. За идеално пополнување на албумот ќе ви бидат потребни 5.344 денари што е збир од 668 сликички по осум денари, тоа подразбира да имате среќа да успеете да ги замените сите дупликати, што, секако, е ептен тешко за верување.

Со оглед на големата популарност на овие албуми низ децениите, постојат и формули за пресметување на трошокот за нивно пополнување. Така, реномираниот британски професор, Пол Харпер, пресметал дека ако сами го пополнувате албумот, без да се менувате, тогаш крајната сума што ќе ја потрошите е скоро 39.000 денари. Но, доколку се менувате со десет пријатели, тогаш сумата драстично се намалува и изнесува околу 12.500 денари.

Знаејќи ја снаодливоста на Македонците, но и традицијата за организирано менување со сликички, каква со години има пред скопска Фонтана, тогаш за очекување е минимизирање на овој трошок.

А, понекогаш, кога уживате во нешто, тогаш парите и не се важни.