Македонската фудбалска репрезентација ја испрати Австрија на Евро 2020 после вечерашниот пораз со 2-1 на „Ернст Хапел“ во Виена во претпоследниот меч во овој квалификациски циклус во кој останува во вторник против Израел со победа да се избориме и да се надеваме на третото место што би било најдобар пласман во историјата.

Десеткувани, без капитенот Горан Пандев, со низа дебитанти во тимот, Македонија и не можеше да очекува повеќе од пораз против фаворизираната Австрија, која се изнапромашува во првиот дел, а откако се задоволи со водството од два гола, нѝ дозволи да поиграме, па на крајот и да им дадеме гол во Виена.

За Македонија и официјално останува шансата за историски пласман на Евро 2020 преку мартовскиот бараж во Лигата на нации и полуфиналната пресметка со Косово, а потоа финалето ако го минеме северниот сосед.

Дека Австрија ќе победи стана јасно уште по седум минути игра, кога мајсторската аситенција на Конрад Лајнер ја искористи Давид Алаба за рутински да погоди за водство, најмногу и поради лошата поставеност на дефанзивната линија за офсајд замка.

И по тој гол, Марко Арнаутовиќ промаши три зицери, двапати биеше крај гол сам пред Димитриевски, еднаш го натскока, но и тој обид на празната мрежа за наша среќа заврши крај голот. Имаше шанса и Мартин Хинтерегер, но Димитриевски со тело му одбрани, па го запре и ударот на Марсел Сабицер во првиот дел, во кој Австрија се изнапромашува, а Македонија играше подредена улога, без директен шут кон голот и само со три ситуации како закана, иако по првите 45 минути во поседот на топка бевме израмнети.

Елиф Елмас беше изблокиран при обид за шут, Стефан Ристовски лошо асистираше во добра ситуација, а голманот Шлагер беше за секунда побрз од Тихомир Костадинов во завршницата. Овие три ситуации беа единствени кои ги направивме, а само што почна вториот дел, по 120 секунди Димитриевски спектакуларно одбрани шут на Валентин Лазаро, а по корнерот Лајнер го дуплираше водството и практично ја завери победата.

Најголемата шанса до еден час игра на мечот Македонија ја имаше од корнер и тоа преку Енис Барди. Седум минути во вториот дел, фудбалерот на Леванте биеше директно во голот и за малку не погоди. Шлагер со крајни напори спаси погодок, кој ќе нè вратеше во игра, но и ќе ни дадеше крила да нападнеме повеќе.

Во завршните дваесет минути, Австрија се задоволи со водството, па Македонија тргна сериозно во напад и имаше три шанси во кои не даде гол. Дебитантот Влатко Стојановски од француски Ним имаше две извонредни за нешто повеќе од 60 сеунди. Прво биеше сантиметри крај голот од 18 метри, а потоа фантастично со глава по центаршут на Костадинов, но Шлагер одбрани. Претходно Ѓоко Зајков имаше шанса со глава, но биеше премлако и само му додаде на австрискиот голман од пет метри.

Во последните секунди, Стојановски успеа да даде гол за свое извонредно деби, од третата шанса, колку да го ублажи впечатокот, но Македонија сега ќе мора да се потруди за добар резултат со Израел, зашто нов пораз ќе значи дека би завршиле претпоследни во групата.