Не заборавил од каде потекнува: Елмас се појави на тренингот на Работнички (ФОТО)

Најдобриот македонски фудбалер во моментов, Елиф Елмас, без разлика што веќе направи завидна кариера и во моментов настапува за тим како Наполи, но во ниту еден момент не заборава од каде потекнува, што се гледа по неговата денешна посета на тренингот на матичниот Работнички.

Паузата во првенството на Италија поради обврските кон Македонија и неколкуте слободни дена по настапот во жолто-црвениот дрес, популарниот „Дијамант“ ги искористи да се појави на тренингот на тимот од каде што ја почна својата европска одисеја. Тој се поздрави со стручниот штаб на дебармаалци, се дружеше со фудбалерите на кои им посака поуспешни настапи во продолжение на шампионатот.

Работнички е тимот за кој настапуваше во периодот помеѓу 2015 и 2017 година, за кој одигра 44 средби со седум голови и од кој се пресели во Фенербахче. Во Турција исто така се задржа две години, по што направи трансфер во Наполи каде што настапува од 2019 година. Досега има одиграно 122 средби за калчолигашот со 12 постигнати гола, додека за Македонија на 48 средби реализира 10 погодоци.