
„Не спиев по голот на збогувањето на Адеми, тој ми е најдраг, а дресот – вечно ќе го чувам!“
Ристовски веќе две години е дел од Динамо, наскоро ќе следи нов договор, зашто актуелниот му истекува за неполна година, но посебно емотивно го одигра мечот на својот брат Адеми, па и прославата на голот беше посветена на капитенот на „модрите“, од кого нема човек во Хрватска кој не се збогува со посебни зборови.
„Цела ноќ после мечот не можев да спијам, толку ме понесоа емоциите поради тој гол на збогувањето на Аки (прекарот на Аријан Адеми – н.з.). Погодив и статива, уште тоа да влезеше... Јас играч со број 13 го дадов победничкиот гол за негово заминување по 13 години. Го задржав тој дрес и вечно ќе го чувам. А, му реков дека на него мора да ми напише некоја посвета. Од сите голови, овој ми е некако најдраг, најпосебен“, вели Ристовски, додавајќи: Што човек повеќе да каже за Аријан од тоа што досега е кажано. Не сакам да откривам детали, ама можам само да ви кажам дека можеби е и најзаслужен што јас сум сега во Динамо. Мислам дека со ова доволно кажав сѐ“.
Капитенот на Македонија откри дека веќе почнал разговори за новиот договор со тренерот Анте Чачиќ, кој патем е и спортски директор, но за конкретизација е оставено за на лето по завршување на сезоната, нешто што и претходно хрватските медиуми го објавија.
„Да, разговаравме неодамна со тренерот, ја начнавме таа тема, ама не отидовме до крај. Не се оптеретувам со тоа сега, има уште време, пред нас се уште многу мечеви и потпочн фокус е на тоа. Мене во Динамо ми е навистина супер, сѐ ми одговара и не можам на ништо да се пожалам. Што се однесува до мене, јас сакам да останам. Но знаете дека во фудбалот сѐ е можно, многу работи се менувале преку ноќ, зависи од многу фактори. Почнавме разговори, ќе разговараме допрва и тешко е однапред да се зборува“, додаде Ристовски.
Македонскиот репрезентативец во овој втор дел од сезоната има спектакуларна статистика со четири гола и две асистенции за Динамо, кој е на пат до нова шампионска титула.