Навивачите на македонскиот првак ќе навиваат против – Македонија!

Само еден ден откако македонските навивачки групи решија заеднички да ја бодрат Македонија на претстојниот полуфинален натпревар од Лигата на нации против Косово (26 март), доаѓа информацијата дека и следбениците на Шкендија решиле да се појават на арената „Тодор Проески“ во Скопје, но на делот наменет за – косовските фанови.

Тетовци денеска и официјално постигнале договор со поддржувачите на косовската национална селекција наречени „Дардани“ за заедничко навивање против Македонија, што дефинитивно ќе биде куриозитет каков што не е виден во фудбалскиот свет. Тешко е да се најде било каков друг идентичен пример, кога навивачите на актуелниот шампион ќе навиваат против репрезентацијата на државата во која се најдобри на теренот.

Одлуката на „Балисти“ е уште поконтроверзна ако се знае дека е направено збратимување со навивачи кои во минатото во повеќе наврати имаа скандалозни испади против Македонија, меѓу кои е палењето на македонското знаме. Тоа не ги спречи навивачите на Шкендија да влезат во коалиција со Косовците, кои, пак, најавуваат албанска инвазија на Скопје на денот на одигрување на натпреварот, преку кој двете селекции бараат продолжување на сонот за пласман на Евро 2020.

За разлика од нив, припадниците на групата „Шверцери“, која навива за Шкупи, ја одби поканата да навива за Косово, но не поради фактот што ја сака или ја чувствува Македонија како своја држава, туку поради определбата дека единствена репрезентација за која тие би навивале е таа на - Албанија.