Младинското ЕП се презакажува за 2022, добра вест и за Македонија – баражите остануваат!

Иако имаше најави дека Европската фудбалска унија (УЕФА) планира да го скрати начинот на пласман на младинското ЕП, сепак речиси извесно е дека системот на квалификации нема да се промени, ама ќе има една друга промена – континенталниот шампионат ќе се игра во 2022 година.

Според последните најави од Германија, повикувајќи се на комплетниот „корона-проект“ на УЕФА после пандемијата, многу веројатно УЕФА во среда и четврток ќе го презакаже континентланото првенство, првично предвидено да се игра од 13 до 27 јуни идната година, а за кое желба за втор настап има и македонската млада репрезентација предводена од Благоја Милевски.

Според предвидениот план на УЕФА единствена промена во квалификациската шема ќе биде тоа што мартовските мечеви кои беа одложени по ударот на Ковид-19 ќе се презакажат за ноември годинава, кога пак беа предвидени да се играат баражите. Плејофот за пласман меѓу осумте второпласирани, пак, ќе се презакажат за во март догодина. Македонија во март требаше да игра двомеч со Израел, кој практично беше клучен за второто место и обезбедувањето на бараж.

Првичните инфомации беа дека УЕФА планира да ги откаже баражите, а на ЕП кое првпат ќе се игра со 16 селекции, пласман да обезбедат деветте победници и петте најдобри втори селекции, што ќе беше лоша вест за Македонија, зашто во таква конкуренција ќе мораше буквално да победи сè за да се избори за настап на „првенството на младите евроѕвезди“.

Бидејќи репрезентативниот фудбал се враќа на сцена од септември, а УЕФА веќе предвиде термини за селекциите (лига на нации, пријателски, плејоф за Евро 2020), во истите термини би требало да се играат и младинските квалификации, со тоа што Македонија освен двомечот со Израел кој би се презакажал за ноември, ќе треба да одигра уште еден меч со Фарските Острови, кој беше предвиден за јуни, па УЕФА сега дополнително ќе му најде место во есенскиот период.

Младата македонска репрезентација со четири меча од можни десет има седум бода (две победи, реми и пораз од Шпанија) и моментно е четвртопласирана со меч помалку од Казахстан, кој има исто бодовно салдо. Израел со бод повеќе е втор, а убедливо лидер е Шпанија. Освен двомечот со Израел, Македонија ја очекува домашни мечеви со Црна Гора и Шпанија, а гостувања кај Казахстан и Фарските острови до крајот на квалификациите.

Тоа што посочуваат германските медиуми е фактот дека УЕФА нема да менува ништо во правилникот за младинското ЕП и покрај одложувањето за една година, па така селекциите ќе може да сметаат на фудбалерите родени од 1 јануари 1998, што значи дека селекциите кои ќе играат на континенталниот шампионат ќе може да имаат фудбалери и до 24 години, а ЕП е првенство до 21 година.

Словенија и Унгарија се земјите кои треба да го организираат ова прввенство. Македонија прв и единствен пат досега на ЕП играше во 2017 година со „златната генерација“ предводена од актуелниот селектор Милевски.