„Младинците“ знаат како против Украина – две победи без примен гол за историското Евро 2017

Украина е фудбалска земја со голема традиција, земја која го дала Олег Блохин, Андриј шевченко, големиот Валери Лобановски, со Динамо Киев како најголем бренд, поранешен освојувач на Купот на УЕФА, со Шахтер како гигант кој израсна во новиот милениум со европски трофеј, кој минатата сезона двапати го победи најголемиот великан Реал Мадрид...

Македонија против Украина има една победа и тоа од пред 17 години во пријателски меч кога Горан Ставревски даде гол за победа, ама посебно две слатки победи против Украина што ќе се паметат вечно се триумфите без примен гол на „златната младинска селекција“, која во 2017 година играше на Европското првенство во Полска.

„Младинците“ кои после тој настап пораснаа и станаа сениори, а дури 11-мина од екипата што играше на Еуро 2017 сега е во А-тимот, најдобро знаат како се победува Украина. На патот кон историскиот пласман во Скопје победија со 1-0, а потоа во Киев со 2-0.

Тоа што е најинтересно два од трите гола ги даде еден член од 26-члената експедиција, Марјан Радески, кој тешко дека сега ќе е во конкуренција за настап (со Австрија не беше меѓу 23-ца во протоколот), а третиот гол беше дело на Бесир Демири, скопјанецот кој играше и за Шкендија и за Вардар, ама избега да игра за Албанија.

Покрај стралецот Радески, уште девет фудбалери беа дел од мечевите за младите од таа златна генерација ја победија Украина и тоа Дамјан Шишковски, Дарко Велковски, кој беше исклучен во скопскиот меч, Ѓоко Зајков, Висар Муслиу, Енис Барди, Бобан Николов, Егзон Бејтулаи, Тихомир Костадинов и Даниел Аврамовски.

За првиот голем фудбалски успех и настапот на првото ЕП на една наша селекција токму од Украина тргна славниот поход, после поразот од Исланд со 0-3 и „веќе отпишаната предвреме нова генерација“, која имаше карактер да стигне до епски подвиг и дома да остави една селекција како Франција со Рабио, Дембеле, Лапорт, Але и останатите ѕвезди.

Од тие пресметки на Украина и Македонија во младинска конкуренција, тројца фудбалери има и во противничкиот табор, Едуард Собол, Олександер Зубков и едно од најголемите закани по нашиот гол, Роман Јаремчук, кој ѝ даде гол на Холандија на првиот меч во групата Ц во поразот со 2-3.