Милевски: Претстојните натпревари - генерална проба за Лигата на нации

Македонската репрезентација идниот месец ќе има можност да одигра два пријателски меча против исклучително силни ривали.

На 3 јуни во Риека, нашиот национален тим ќе гостува на третата светска селекција Хрватска која на тој меч веројатно ќе настапи без Лука Модриќ затоа што два дена претходно тој ќе игра во финалето од Лигата на шампионите. Една недела подоцна, Македонија оди во Храдец Кралове на мегдан со уште еден учесник на претстојното Европско првенство - Чешка. Селекторот Благоја Милевски е задоволен од можноста да игра против овие две репрезентации, а дуелите ќе ги искористи како проба за она што следува од септември, Лигата на нации.

„Со нетрпение го очекуваме новиот собир и силните натпревари против Хрватска и Чешка, две репрезентации учесници на Европското првенство.  

Во составот на македонската репрезентација се фудбалерите кои потврдија дека можат да бидат конкурентни и со најсилните европски селекции. Остануваме лојални на играчите кои одиграа одлични натпревари во вториот дел од квалификациите за Европското првенство, посебно против големите фаворити, Англија и Италија. Без разлика на формата или статусот во клубовите ќе бидат тука за главната наша цел - Лигата на нации и пресметките кои не очекуваат од септември.

Со нас е Дарко Велковски, кој е во последната фаза на опоравување од повреда, но без разлика дали ќе може да игра, важно е што како еден од најискусните во тимот и еден од лидерите на екипата е дел од овој собир

Двата контролни натпревари во Ријека против Хрватска и Храдец Кралове против Чешка ни се важни во подготовките за септемвриските предизвици, со посебен акцент на зајакнување на добрата атмосфера и заедништво.

Мора да поправиме и некои работи во играта ако сакаме да забележиме позитивен резултат на претстојните два меча. Мораме подобро, свесен сум за тоа. Создаваме шанси, но мораме да ја подобриме ефикасноста, повеќе да влегуваме во празен простор, да покажеме карактер. Ова се натпревари на кои мотив сигурно нема да недостасува и треба да влеземе сериозно, одговорно и цврсто“, вели Милевски.