Прв натпревар без голови на Европското првенство - од оние што најмалку се очекуваше

Натпреварот број 21 на Европското првенство во Германија е прв на кој љубителите на фудбалот немаа можност да видат гол.

Веројатно најмалку се очекуваше мрежите да не се тресат на дуелот меѓу Холандија и Франција, репрезентација со исклучително голем напаѓачки потенцијал и кои во своите редови имаат фантастични фудбалери. Вечерва го немаше Килијан Мбапе кој поради скршен нос не доби минутажата, но останатите фудбалери не ги оправдаа очекувањата од фановите.

Антоан Гризман ги имаше најдобрите шанси за гол, два пати беше во зицер ситуација, по еднаш во првото и второто полувреме, но топката не го сакаше. Холандија преку Чави Симонс постигна гол во вториот дел, ама тој беше поништен поради офсајд позиција во која се најде Рејндерс. 

Со оглед на ситуацијата во другите групи, многу веројатно со ова реми двете репрезентации обезбедија пласман во осминафиналето, без оглед на исходот на натпреварите во последното коло. Во него, Франција игра со Полска, а Холандија со Австрија и тие два меча ќе послужат да се распоредат репрезентациите на табелата.