Милевски: Македонија мора да игра похрабро, а за пеналите и судиите – немам коментар!
Селекторот Благоја Милевски, сепак, по средбата не сакаше да го коментира однесувањето на делителите на (не)правдата.
„Немам коментар за пеналите и за судењето, тоа е работа на ВАР и на делителите на правдата. Немам што повеќе да кажам за ова“, потенцира предводникот на македонскиот избран тим.
Тој потоа направи анализа на случувањата на теренот.
„Им честитам на моите момци, посебно за одиграното второ полувреме. Имавме корекции кои ги направивме на полувремето, бидејќи во првото не функциониравме како што треба. Жалам што не почнавме да играме на овој начин малку порано, ни фали самодовербата со топката во нозе. Кажав и пред натпреварот дека не очекува многу различен ривал од Хрватска. Играта на Чешка се базира на трка и на сила, на тоа требаше да одговориме. Во поголемиот дел од мечот сум задоволен како одговоривме на тоа, но кога имавме посед, требаше да бидеме малку похрабри“, дополни Милевски.
За Македонија ова беа последни контроли пред стартот на Лигата на нации и дуелите против Фарски острови и Ерменија на почетокот од септември.