„Македонија не е лесен противник, ама поголема шанса за Косово на ЕП од оваа – нема!“

Три недели остануваат до историската пресметка на Македонија и Косово во полуфиналниот бараж од Д-дивизијата во плејофот од првата сезона во Лигата на нации, закажан за 8 октомври во Скопје, па како за црвено-жолтите, така и за Косовците мечот е шанса на векот за настап на Евро 2020.

Помошниот селектор на северниот сосед, Мухарем Сахити најави дека Косово за пресметката со Македонија ќе биде на највисоко ниво, каде енергијата и ентузијазмот ќе им бидат дополнителна сила за место во финалето во ноември на гости кај Грузија или Белорусија, во зависност кој од овие две екс-советски републики ќе обезбеди пласман.

За разлика од Македонија која во втората сезона во Лига на нации тргна со четири бода по триумфот над Ерменија со 2-1 и ремито со Грузија, Косово освои само бод во два меча, откако загуби од Грција со 1-2 дома, а ремизираше на гости кај Молдавија 1-1.

„Македонија не е лесен противник, а настрана нашите фудбалери ја следиме формата и на противникот, формата на секој фудбалер поединечно. На тој скаутинг ние се потпираме. Во фудбалот нема лесен противник, а тоа го почувствувавме и со Молдавија, па сега сме во постојан контакт со фудбалерите и тие се свесни дека мечот со Македонија е историски“, вели Сахити.

Помошниот селектор посочи дека ако мечот се играл во март, а беше одложен поради пандемијата со коронавирус, Косово ќе било ослабнато за неиграње на два фудбалери во тој момент, ама сега...

„Во март бевме во одлична форма, ама и Македонија беше во добра форма, но ние тогаш ќе ги немавме Арбер Зенели и Хекуран Криезиу, ама сега ќе ги имаме и тоа е голема предност за нас. Останува да видиме во каква форма ќе бидат тие, но мислам дека ние кога сме комплетни ни влева дополнителен оптимизам за пласман во финалето,особено кога ќе ја видиме таа енергија и ентузијазам кај фудбалерите. Нема ништо сигурно во фудбалот, ама имаме шанси за пласман“, додава тој.

Во сигуација кога допрва почнаа националните првенства и тоа во згуснат календар, а ризикот од коронавирус останува висок, Сахити се надева дека ветувањето што фудбалерите го дале дека ќе бидат максимално подготвени ќе ги исполнат, а тоа значи дека ептен ќе внимаваат во периодот за да не отпаднат од списокот поради повреда или ковид-19.

„Сите знаат и ветија дека ќе дадат максимум, па и над тоа, а кога ќе ветат – тоа го исполнуваат! Посакуваме само да нема повредени, но овој период е комплексен, па затоа сакаме да нема случаи со ковид-19 или повреди и играчите знаат дека мора многу да се одговорни и внимателни во овој период, зашто не смее да се пропушти шансата со историскиот меч со Македонија. Погоема шанса нема да имаме, два меча не делат од европско првенство. Знам дека сите ќе дадат максимум во периодов за да бидат подготвени за Македонија“, заврши Сахити.